Кривична пријава за управител на Млаз АД Богданци

Сре, 16.10.2013 - 10:09
Кривична пријава за управител на Млаз АД Богданци

    Управата за финансиска полиција до Основното Јавно Обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против лицето В.П.(65) од Богданци, претседател на Управен одбор со ограничено овластување и управител на Млаз АД Богданци, поради постоење на основано сомнене дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување„ пропишано со член 353 од КЗ на РМ при што причинил штета врз имотот на АД Млаз Богданци во износ од 16.093.605,00 денари.

      На 19.10.2012 година правните субјекти Romnakis A. Sinodis и Romnakis S. Athanasios од Солун – Р. Грција откако претходно отвориле истоимена фирма во Скопје на која овластен потписник на сметката во деловната банка е лично ќерката на пријавениот В.П.(65), преку полномошник-адвокат од Скопје до Нотар во Гевгелија доставиле два предлога за донесување на Решенија со кои се бара дозвола за извршување за парични побарувања од АД Млаз Богданци кои се однесуваат за период од 2003 до 2009 година.

      Од страна на Нотарот од Гевгелија донесени се две Решенија за дозвола за извршување кои лично ги примил и потпишал пријавениот В.П.(65) кој иако знаел дека дел од фактурите веќе се платени на добавувачите од Р.Грција, а останатите се застарени, не вложол приговори до Нотарот со цел да го оспори нивното извршување и воедно не ги известил другите акционери на АД Млаз Богданци со што овозможил решенијата за извршување да станат правосилни и извршни.

      На ваков начин пријавениот В.П.(65) злоупотребувајќи ја својата службена положба овозможил неосновано да се стекнат со противправна имотна корист други правни субјекти, односно неосновано да се присвои дел од имотот на АД Млаз Богданци во вкупен износ од 16.093.605,00 денари.

      Од страна на Истражен судија на пријавениот В.П.(65) одередена му е мерка куќен притвор во траење од 30 дена.