Интервју на директорот Муареми за Фактор

Чет, 16.08.2018 - 16:11
Интервју на директорот за Фактор

Голема странска инвестиција која се уште работи во земјава е под лупа на Управата за финансиска полиција. Првиот човек на оваа институција Арафат Муареми во интервју за Фактор вели дека со овој случај ќе докаже дека дел од инвеститорите дошле во земјава само колку да земат пари од буџетот. Колкав криминал е направен и колкава е штетата на државниот буџет, Муареми вели дека набрзо ќе се дознае. Самиот тврди дека влегол во енергична битка со функционерите кои го „цицале“ државниот буџет и кои се вплеткани во криминални случаи. Муареми беше обвинител во Специјалното јавно обвинителство од каде самиот замина за да се врати во Управата, во која бил долги години. 

Од директорското место, сега, најавува битка со криминалот, безрезервно и без политички притисок. За таков пак, обвинуваше поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, за кого финансиската полиција водеше истрага.

„Финансиската полиција постапува врз база на ревизориски извештај на општина Карпош, а за тие нерегуларности веќе објави и сегашниот градоначалник. Од друга страна, ние постапивме, затоа што за тоа добивме наредба од Основното јавно обвинителство (ОЈО) кое побара истрага. Значи се истражуваше целокупното работење на општина Карпош. Не е тоа дека последните две недели истражуваме, тоа Управата за финансиска полиција го прави повеќе од четири месеци. Толку време сме во проверки во општина Карпош. Ова е една фаза, со тоа што финансискиот криминал е комплексен криминал, и има неколку обвинителства кои се надлежни за продолжување на истражната постапка. Ова што е за јавните набавки тоа е за злоупотреба на службена положба и овластување, за кој е надлежно Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција додека другиот дел кој ние сега го истражуваме, тоа  е во дел на урбанизам. Тоа е тоа, во јавноста се зборуваше, меѓутоа ОЈО кажа дека за овој предмет треба да се постапи и да се поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на органзииран криминал и корупција и ние затоа и поднесовме пријава.

 

Значи отфрлате каков било политички притисок, хајка за каква ве обвинија?

Апсолутно да. Ние сме правосуден орган кој постапува согласно закон за кривична постапка за секаков вид пријава која се поднесува до Управата за финансиска полиција, пред се откако ќе добиеме наредба и им даваме сериозност на таквите случаи. Инаку јавното обвинителство е тој орган кој истражува секаков вид криминал.

ИСТРАГА ЗА ЗГРАДАТА НА ВОДОВОД, ФИЛХАРОМИЈА И ДРЖАВЕН АРХИВ

Пред неколку месеци отворивте случај за дел од проектот Скопје 2014 година, поточно за изградбата на мостот „Око“, во кој обвинет беше поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ. Скопје 2014 е еден проект за кој се отвораа низа сомнежи. Имате ли други сознанија, водите ли други истраги?

Во една прилика на прашање од вашите колеги, јас информирав дека проектот Скопје 2014 е голем проект, а ние во Управата досега сме добиле неколку наредби и сознанија. Еден од тие предмети имаше завршница, за мостот Око, кој вие го споменувате. Има уште неколку такви предмети кои се работат во нашата институција. Тоа е изградбата на Филхармонија, Водовод и на Државен архив. Така да, мислам дека  за брзо време ќе бидат завршени. Не застануваме, продолжуваме со испитување во случајот Скопје 2014. Детали не треба да се соопштуваат, но многу од наодите ќе ги имаме набрзо.

Во овој контекст, отворивте истрага за случајот катна гаража кај НИП Нова Македонија во кој поради неисполнување на договорот, општина Центар и плати пенали на градежната компанија а гаражата не е изградена. Вплеткана е и поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски. Каков е случајот, кои се вашите сознанија?

„Таков  предмет е добиен, доставен е до УФП, имаме известување, колегите веднаш излегоа на терен и побарано е од општина Центар да ја достави целокупната документација за тој предмет. Ќе се бара и увид во судскиот предмет за да се добие јасна слика што реално се случувало и дали има штета на буџетот, затоа што УФП постапува ако има штета на буџет, затоа сме платени - да го заштитиме буџетот на РМ“.

ФУНКЦИОНЕРИ НАПРАВИЈА ГОЛЕМА БУЏЕТСКА ШТЕТА

Ама го заштитувате ли? Македонија сведочеше на многу објави на криминал, се тврдеше дека системот до срж е криминален. Сега има нова власт, а и покрај тоа што тече втората година ние малку гледаме резултати?

Јас како личност сум оптимист, отсекогаш сум се борел за правда и правдата мора да победи. Во иднина ќе обелодениме и друг финансиски криминал кој бил на штета на буџетот на државата. Ние како земја имаме функционери кои направиле голема штета на буџетот, но да оставиме време“.  

 

За колкав криминал станува збор?

„Во бројка не можам да кажам, но сега за брзо време ќе излеземе со уште еден случај кој како инвестиција е со поголеми размери и со милионски суми во евра како штета.  По завршувањето на истрагата ќе се уверите дека има и такви странски инвестиции кои се дојдени со една намера. Што повеќе да добијат и од државата и од другите фондови и да си отидат од РМ“.

Се смени власта, но ДУИ остана. Се тврди дека се поштедени во истрагите, а имаше сомнежи.

„Секогаш викам, пред законот сите да се исти. Таков сум и така ќе продолжам. Ако има одредени сомневања, еве јавно кажувам нека се поднесат пријави и ние како служба ќе постапиме. Нема да остане на тоа, чекај овој од оваа партија, друг од друга“.

Во Македонија често се зборува за оф шор фирми. Се носи ли надвор капитал и се одбегнува ли оданочувањето.

Треба да се разликува носење и прелевање и пари кои се од корупција. Црните пари никаде не се пријавени. Овие кои имаат легална траса кои се носат надвор преку легални компании се една работа. За другите преку оф шор немаме евиденција колку се однесени надвор, особено што и земјите не соработуваат, нема соработка и тешко е да се докаже кои се вистински сопственици. Ќе се појави некој странец, купува удели, кај нас, а знаеме дека зад него стои наш државјанин кои ги носел парите надвор.

 

Целото интервју можете да го прочитате на интернет страната на Фактор.