Работна средба помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Пет, 04.01.2019 - 14:42
Работна средба помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

На ден 04.01.2019 година во просториите на Управата за финансиска полиција се одржа работна средба помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Управата Арафат Муареми.На работната средба се дискутираше за постигнатите резултати на Управата во 2018 година и планираните активности за 2019 година.

Во текот на 2018 година направени се неколку клучни реформи во Управата за финансиска полиција. Согласно зголемените надлежности на Управата беа направени измени на Законот за финансиска полиција и измени на Правилникот за систематизација на работните места. Управата активно учествува во имплементација на „Националната платформа за интероперабилност“ - платформа за меѓусебно поврзување и користење на базите на податоци помеѓу државните институции. На предлог на Управата прифатено е и ново кривично дело во Кривичен Законик на Република Македонија - Даночна измама.Воедно Управата зема активно учество во голем број на стратегии како Стратегија за борба против тероризмот, Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во РМ, Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и др.

За 2019 година планирани се низа активности меѓу кои и создавање технички услови за функционирање на новооформираните сектори за посебни истражни мерки. Исто така ќе се изработуваат Оперативни инструкции со кои ќе се имплементираат меѓународните стандарди за борба против криминал со примена на најдобрите европски полициски практики. Големо внимание ќе се посвети и на зајакнување и зголемување на оперативните и административните капацитети во Управата, се со цел зголемување на ефикасноста и продуктивноста во работењето. Планирано е и зголемување на меѓународната соработка со сродни органи и институции од земјите членки на Европската Унија. При тоа се планира развој на системот на податоци со Европол, Интерпол и други институции. Во рамки на овие активности предвидено е и потпишување на Меморандум за соработка со Финансиска полиција на Република Италија, Република Грција и Кралството Холандија, а Управата ќе учествува и во преговарачкиот тим за склучување договор за соработка со Сојузна Република Германија во областа на борба против криминалот.

Во поглед на реализираните мерки и активности Управата за финансиска полиција во текот 2018 година до надлежните Јавни обвинителства поднесе 74 кривични пријави против 68 правни лица и 163 физички лица со кои е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 3.018.354.504 денари или 48.919.846 ЕУР. Бројот на поднесени кривични пријави за 2018 година во однос на претходната година е зголемен за 51 процент, а во споредба со 2016 година бројот на поднесени кривични пријави е зголемен за 80 проценти.

 

Значајно е подобрена борбата против финансискиот криминал.
  - изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.


 
 

Категорија