Кривична пријава за организирана група 9 физички лица

Вто, 05.11.2013 - 10:26
Кривична пријава кон организирана група од 9 физички лица

 Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против организирана група составена од 9 (девет) физички лица, поради постоење на основано сомнение дека истите ги сториле кривичните дела Злосторничко здружување по членот 394, став 1 и 2, Даночно затајување по член 279, Фалсификување или уништување на деловни книги по член 280 ст.2 в.в.ст.1, Злоупотреба на службена положба по член 353, Помагање по член 24 и Потикнување по член 23 од КЗ на РМ.

      Имено, во текот на 2010, 2011 и 2012 година организаторот на групата пријавениот Р.К. од Битола, сопственик и управител на правниот субјект РИМКОС ТРЕЈД ДООЕЛ Битола, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист, формирал криминална група која имала задача да испоставува фактури со невистинита содржина и да врши нелегални финансиски трансакции. Целта на крималната група е да ги прикрие нелегално набавените секундарни суровини – отпад на начин што преку правните субјекти Маргони, Шане Тон, Виктори Тим, Латерна Трејд, Фруит Трејд и Џоле 2011 циркулираат фактури со невистинита содржина, со кои е прикриено вистинското потекло на секундарните суровини и врз основа на кои организаторот на криминалната група прикажал неоснован поврат на ДДВ и ја намалил обврската за ДДВ . 

      За секундарните суровини–отпад кои реално ги набавил од физички лица, организаторот на групата Р.К. од Битола свесен дека согласно законските прописи откупот на секундарни суровини од физички лица не подлежи на ДДВ, во сметководствената евиденција на правниот субјект Римкос Трејд прикажал фактури со невистинита содржина, како да истите се набавени од правните субјекти управувани од членовите на криминалната група. За таа цел Р.К., паричните средства од банкарската сметка на неговиот правен субјект, најпрвин ги префрлил на банкарските сметки на другите правни субјекти, од каде членовите на криминалната група истиот ден ги подигале во готово на име откуп и откако ќе го задржеле за себе износот на ДДВ остатокот од паричните средства ги користеле за откуп на секундарни суровини – отпад во готово од физички лица.

      Организаторот на криминалната група Р.К. за одреден паричен надомест инволвирал лице, странски државјанин, без престој на територијата на Република Македонија, кое лице само формално има својство на сопственик и управител на правен субјект со кој инаку целосно управува организаторот на криминалната група.

      Откако членовите на криминалната група ја оствариле целта, односно, откако ги испоставиле фактурите со невистинита содржина, со цел да не поднесат задолжителни ДДВ пријави за работењето на правните субјекти и да не ги платат даночните обврски, пред истекот на календарските години, за одреден паричен надомест ги продавале правните субјекти инволвирани во бизнисот со фиктивни фактури на лица со дебело криминално досие и низок социјален статус, на кој начин ценеле дека нивното отсуството како одговорни лица е доволна гаранција за да бидат заштитени и да ја избегнат кривичната одговорност и нивната поврзаност со криминалниот начин на работење на организираната група.

      Во својство на членови, припадници и помагачи на криминалната група освен организаторот на групата Р.К од Битола пријавени се и:

               • Т.Ш.(35) од Битола, сопственик и управител на правните субјекти ШАНЕ ТОН ДОО Битола и ФРУИТ ТРЕЈД ДООЕЛ Битола,
               • Г.Г.(35) од с. Моноспитово, Струмица сопственик и управител на правните лица МАРГОНИ ДООЕЛ с.Моноспитово и ЛАТЕРНА ДООЕЛ с.Моноспитово 
               • Е.Ш.(38) од Битола сопственик и управител на правното лице ШАНЕ ТОН ДОО Битола и управител на правното лице ФРУИТ ТРЕЈД ДООЕЛ Битола 
               • Д.Р.(55) од Прилеп сопственик и управител на правните лица ШАНЕ ТОН ДООЕЛ Битола и МАРГОНИ с.Моноспитово
               • Ѓ.Ј.(35) од с.Градошарци, Струмица сопственик и управител на правното лице ЏОЛЕ 2011 ДООЕЛ Битола
               • Д.Т.(35) од Вичин, државјанин на Р.Србија сопственик и управител на правниот субјект ВИКТОРИ ТИМ ДООЕЛ Кичево
               • Г.П.(35) од Прилеп сопственик и управител на правниот субјект ЛАТЕРНА ТРЕЈД ДООЕЛ с. Моноспитово
               • Н.Т.(30) од Битола управител на правниот субјект РИМКОС ТРЕЈД ДООЕЛ Битола

      На ваков начин, членовите на злосторничкото здружение во текот на 2010, 2011 и 2012 година со изготвување на фактури со невистинита содржина за и во име на наведените правни лица не пријавиле и не уплатиле ДДВ во износ од 172.394.192,00 денари и персонален данок на доход во износ од 29.238.790,00 или го оштетиле Буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 201.632.982,00 денари, односно околу 3,2 милиони евра.

      Финансиската полиција во текот на минатата ноќ на подрачјето на Битола, Прилеп и Струмица, спроведе голема акција за пронаоѓање на осомничените при што во доцните вечерни часови успеа да ги лиши од слобода осумте членови на групата кои се државјани на Република Македонија а деветиот член, Д.Т.(35) државјанин на Република Србија е недостапен за органите за прогонот и по него сеуште се трага.
      Осумтемина уапсени денес ќе бидат изведени пред Истражен судија од Основниот суд - Скопје I Скопје, кој откако ќе изврши сослушување, ќе одлучи дали ќе им биде одредена мерката притвор.

Категорија