Остварена официјална работна посета на Република Словенија

Вто, 11.06.2019 - 11:55
Остварена официјална работна посета на Република Словенија

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми од 4 до 7 Јуни 2019 година престојуваше во работна посета на Република Словенија. Целта на посетата беше да се добие увид во функционирањето на словенечкиот систем за финансиски истраги особено во однос на успешната конфискација на имотот стекнат на нелегален начин. Посетата се реализираше во рамките на програмата за меѓународна развојна соработка на Република Словенија, организирана од словенечкиот Центар за европска перспектива.

Составот на делегацијата од Република Северна Македонија беше на највисоко ниво, вклучувајќи ги раководителите на сите институции вклучени во спроведувањето на финансиските истраги: Јавниот обвинител Љубомир Јовески, шеф на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, како и претставници од Министерството за внатрешни работи и Централен Регистар на Република Северна Македонија.

Работната посета започна на 4 Јуни 2019 во Копер, каде македонската делегација беше примена од страна Јавниот обвинител на Копер Барбара Милич Рожман и началникот на Одделот за економски криминал Аленка Дролц.
 
На 5 и 6 Јуни запознавањето со функционирањето на словенечкиот финансиски истражен систем продолжи во Љубљана, каде македонската делегација беше примена од страна на Јавниот обвинител на Република Словенија Драго Шкета, шефот на Специјалното обвинителство за организиран криминал Хари Фурлан и претставници од словенечкото Врховно и Специјално обвинителство.
 
 На работните средби беа презентирани пристапите кон стратешко и оперативно планирање на интегрирани финансиски истраги и беа презентирани некои од клучните карактеристики на системот кои се неопходни за ефикасно работење на истражителите. 
 
Програмскиот директор на Центарот за европска перспектива Андреја Долничар Јерај ја истакна важноста на интегрираниот пристап во функционирањето на системот на финансиски истраги и неопходната соработка на сите релевантни институции за постигнување на најдобрите резултати.
 
Работната посета на делегацијата беше успешно завршена со церемонијалното потпишување на Заедничките насоки за финансиски истраги на 7 Јуни 2019 година.