Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски учествуваше на регионалниот состанок во рамки на проектот Western Balkans Digital Assets Investigation Capability (WB DAIC), кој се одржа во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје. Настанот овозможи директна размена на искуства и добри практики со претставници од британските служби Eastern Region Special Operations Unit (ERSOU) и National Crime Agency (NCA), со цел зајакнување на институционалните капацитети во областа на истрагите поврзани со дигитални и крипто-активи.
Посебен фокус на состанокот беше ставен на презентирањето на успешниот британски модел за воспоставување на крипто истражни единици, кој претставува практичен пример за тоа како комбинацијата на иновација, експертиза и правна рамка може да создаде одржлив систем за борба против финансиски и сајбер криминал. Преку вакви иницијативи се поттикнува стратешки дијалог и координација меѓу истражните институции, обвинителствата и финансиските служби од регионот, со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и резултатите од истрагите.
Регионалниот состанок претставува важен чекор во насока на модернизација на безбедносните и финансиските механизми во Западен Балкан, преку примена на докажани практики и воведување на напредни дигитални алатки. Управата за финансиска полиција ја потврдува својата посветеност кон унапредување на истражните процеси и градење на систем кој ќе може ефикасно да одговори на предизвиците на дигиталната ера.
Со континуирана размена на знаење и искуства со меѓународните партнери, Управата останува насочена кон зајакнување на транспарентноста, интегритетот и довербата во институциите, како и кон создавање на поотпорен систем за заштита на финансиската стабилност и борба против организираниот криминал.