Учество на конференција за спречување на перење пари

Пет, 02.11.2018 - 15:50
Учество на втората меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам

На 01.11.2018 Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми ја отвори втората меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам организирана од Институтот за бизнис и менаџмент - Хајделбер и Академијата за банкарство и информатичка технологија – АБИТ.

 

Оваа конференција е наменета за сите институции, банки, осигурителни компании и претпријатија.

Честа да ја отвори оваа конференција со свое излагање како Директор на Управата за финансиска полиција како една од најзасегнатите институции по однос на темата му припадна на Директорот Арафат Муареми. Тој истакна дека Управата како дел од правосудната полиција под раководство на надлежен јавен обвинител спроведува интегрирани финансиски истраги за спречувањето на перењето пари и приносите од казниви дела како и финансирањето на тероризам.

Исто така на конференцијата беше истакнато дека согласно забелешките од последниот извештај за напредокот на Р.Македонија се случуваат реформи во безбедносниот систем. Една од реформите е и зајакнување на националните капацитети за финансиски истраги. Управата за финансиска полиција е вклучена во процесот на овие реформи на безбедносниот сектор и има активно учество во Советот за борба против перењето пари и финансирање на тероризам и зема активно учество во изготвување на Националната стратегија за перењето пари и финансирање на тероризам „Националната стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот“, заедно со акциски план и во други работни групи.

Во своите завршни зборови Директорот истакна дека со оглед на фактот што Република Македонија е земја кандидат за влез во ЕУ, искуството на земјите членки и излагањата на експертите од земјите членки на оваа конференција се од огромна важност и ќе го зголемат нашето знаење и вештини во справувањето со борбата со тероризмот и заканите од истиот кои и натаму еволуираат и се прилагодуваат на современите начини на живот.