За Управата
Со цел зајакнување на борбата против организираниот финансиски криминал, заштита на националните финансиски интереси, како и заштита на Европските фондови во Република Македонија, на 26 јуни 2003 година со Законот за финансиска полиција (Сл. весник на РМ број 55/02) формирана е Управата за финансиска полиција. Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице која своите надлежности ги спроведува на територијата на Република Македонија.
Управата за финансиска полиција е составен дел на Правосудната полиција како орган за кривичен прогон на сторители на кривични дела од областа на организираниот финансиски криминал и кривични дела кои што се гонат по службена должност како што се: "Злосторничко здружување" член 394, "Злоупотреба на службената положба и овластување" член 353, "Несовесно работење во службата" член 353 - в, "Перење пари и други приноси од казниво дело" член 273, "Недозволена трговија" член 277, "Измама на штета на средствата на Европската заедница" член 279 - а, "Измама" член 247, "Даночно затајување" член 279, "Фалсификување или уништување на деловни книги" член 280, "Проневера во службата" член 354 , "Лажен стечај" член 254, "Криумчарење" член 278 како и други кривични дела од Кривичниот закон со кои е стекната противправна имотна корист од значителна вредност или е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија.
Седиштето на Управата за финансиска полиција е во Скопје.
Денот на Финансиската полиција е 26-ти Јуни.
Надлежности
Откривање и криминалистичко истражување на кривични дела кои се гонат по службена должност како што се: перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, недозволена трговија од членот 277, криумчарење од членот 278, даночно затајување од членот 279 од Кривичниот законик и други кривични дела со противправна имотна корист од значителна вредност, како и фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази, други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка по службена должност или по Наредба на Јавниот обвинител преку извршување на надлежностите во Правосудната полиција согласно со закон;
Прибирање и анализирање податоци за готовински трансакции, превземање предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела, следење на трагата на парите со цел за откривање на казниви дела утврдени со закон, увид и преглед на сметководствени податоци и евиденции во компјутерски системи во присуство на одговорно лице или од него овластено лице и други работи согласно со закон; Вршење на форензичка компјутерска анализа на привремено одземени, компјутерски системи и други електронски уреди;
Поднесување на кривични пријави до надлежниот Јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност; Поднесување иницијатива за поведување на даночна и друга постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган; Координирање, давање иницијатива, поднесување кривични пријави, вршење размена на информации и организирање обуки за лицата вклучени во системот на неправилности со цел за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европска унија;
Изготвување и доставување на предлог стратегија за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европската унија и други работи утврдени со закон.
Овластувања
- Проверка на идентитет на лица;
- Повикување на граѓани и собирање на информации;
- Приведување;
- Лишување од слобода;
- Задржување;
- Пренасочување, насочување или ограничување на движењето на лица и превозни средства на определен простор за нужно потребно време; привремено одземање на предмети;
- Увид и преглед во деловни книги и друга документација;
- Прикриено полициско дејствување;
- Сопирање, преглед на лица, багаж и превозни средства;
- Собирање, обработка, анализа, користење, оценување, пренесување, чување и бришење на податоци;
- Обезбедување на примероци од ракопис и потпис;
- Употреба на техничка опрема
- Примена на посебни истражни мерки и прикриени извори на податоци согласно со Законот за кривичната постапка
Визија
Актуелните состојби поврзани со постојаниот пораст на новите облици на криминал секаде во светот, во значителна мерка се рефлектираат и врз состојбите во Република Македонија, како земја во транзиција, а особено со глобализацијата и развојот кој овозможува слободен проток на луѓе, пари и стока, заради што е присутна и појавата на софистицирани инкриминации кој според формата, содржината и елементите на изразување имаат белег на организиран криминал.
Управата за финансиска полиција со својата улога претставува брана за финансискиот криминал во Република Македонија, а со поактивна борба против финансискиот криминал како и со зголемување на обемот на финансиски истраги односно пронаоѓање, идентификација и привремено одземање на нелегалните приноси стекнати од казниви дела ќе придонесе за нивна понатамошна конфискација од надлежниот Суд. Преку континуирана едукација, размена на искуства, информации и соработка со други органи, како на национално, така и на меѓународно ниво да придонесе за рана детекција на појавните форми на организиран криминал со цел предлагање на мерки и регулативи за негово сузбивање и превенција.