
Со свечен настан што се одржа во Клубот на пратеници, Управата за финансиска полиција на пригоден начин ја одбележа 22-годишнината од своето постоење. На свеченоста по повод Денот на Управата – 26 јуни, присуствуваа голем број високи претставници од државните институции, меѓу кои и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, како и претставници на правосудните органи, министерства, надлежни инспекциски тела, академската и бизнис заедницата, меѓународни партнери, медиуми и долгогодишни соработници на Управата.
Во своето обраќање пред присутните, директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, се осврна на развојот на институцијата во изминатите две децении и нагласи дека заштитата на буџетот и откривањето на финансиски криминал остануваат основни приоритети.
„Денеска не само што славиме годишнина од формирањето на Управата за финансиска полиција, туку ја славиме и посветеноста на сите оние што низ годините дадоа личен и професионален придонес за нејзиниот развој и кредибилитет. Од денот на нашето основање до денес, патот не беше лесен, но беше полн со докази дека институциите, кога работат чесно, стручно и во интерес на граѓаните, можат да бидат двигатели на позитивни промени. Како институција, израснавме од идеја во релевантен чинител во борбата против финансискиот криминал, перењето пари, злоупотребите со јавни средства и нелегалните економски активности. Но, нашата мисија не завршува тука. Напротив, сега повеќе од кога било сме свесни дека современите облици на криминал бараат постојано учење, иновации и интеринституционална соработка. Работиме и ќе продолжиме да работиме транспарентно, посветено и со јасна визија за општество во кое секој денар од јавните финансии се троши законски и одговорно“, истакна Ивановски во своето обраќање.
Присуството на премиерот Мицкоски претставуваше и своевидна потврда за важноста на институциите што работат на заштита на јавните финансии, почитување на законите и унапредување на владеењето на правото. Тоа во своето обраќање го потенцираше и директорот на Управата.
„Изразувам искрена благодарност до Владата предводена од проф. д-р Христијан Мицкоски, чија волја за бескомпромисна борба со криминалот претставува силен поттик за мене и за институцијата. Не можам да ја изоставам и поддршката од Министерството за финансии, на чело со министерката Гордана, кои ни обезбедуваат значајна логистичка поддршка како орган во состав на Министерството. Главниот приоритет на Владата е битката со корупцијата и нула проценти толеранција за криминалот. Во целост ја следиме оваа борба и активно се вклучуваме во истата, поради што сакам да порачам дека овие резултати што ги постигнавме, откога сум јас на чело на институцијата, се само почеток, со кој сакаме да испратиме силна порака до секој што се огрешил пред законот. Правдата е слепа и неселективна, а наша задача е да ја спроведуваме“, посочи Ивановски.
Во рамки на свеченоста, Управата за финансиска полиција додели благодарници на институции, организации и поединци кои во изминатите години дале значаен придонес во градењето и јакнењето на капацитетите на Финансиската полиција, во духот на меѓусебна поддршка и партнерство. Со тоа беше испратена силна порака за важноста од заедничка работа и солидарност во справувањето со системски предизвици и злоупотреби.
Свечениот настан заврши со неформално дружење и изразена заедничка подготвеност за продолжување на реформските процеси и заложби за изградба на праведно, отчетно и функционално општество.