Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје , поднесе кривична пријава против С.А, во својство на управител и сопственик на правниот субјект Регал Сабри ДООЕЛ Скопје
Пријавениот С. А., во својство на управител и сопственик на правниот субјект Регал Сабри ДООЕЛ Скопје во текот на 2018 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговска стока, евидентирана на залиха во вредност од 10.741.779 денари, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во своето сметководство како кусок, при што не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на додадена вредност по даночна стапка од 5% и 18% во вкупен износ од 795.408 денари и Данок на Добивка по даночна стапка од 10% во износ од 1.074.178 денари.
Пријавениот С.А., во својство на управител и сопственик на правниот субјект Регал Сабри ДООЕЛ Скопје, до Централен Регистар на Република Северна Македонија последната завршна сметка ја поднел за 2017 година и при тоа не направил отпис на побарувањата од купувачи кои се постари од 3 (три) години, како и не ги прикажал како приходи застарени обврски кон добавувачи постари од 3 (три) години, кои се евидентирани во Завршните сметки за 2015, 2016, и 2017 година, во вкупен износ од 14.528.768 денари, за кој износ пријавениот не пресметал, не пријавил и не платил Данок на Добивка во износ од 1.452.876 денари, на штета на Буџетот на Република Северна Македонија.
Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавениот С.А. не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 3.322.462,00 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.