ИНТЕРВЈУ со Директорот на управата за финансиска полиција Муареми: Истрагите за злоупотреба на буџетски средства без поддршка на Јавното обвинителство се само статистички податоци

Пон, 19.07.2021 - 13:03
ИНТЕРВЈУ со Директорот на управата за финансиска полиција Муареми: Истрагите за злоупотреба на буџетски средства без поддршка на Јавното обвинителство се само статистички податоци

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми го поставува како прашање од суштинска важност носењето на Закон за потекло на имот.

Во интервју за „Локално“ oбјаснува дека обрвската за докажување на потеклото на легално стекнатиот, или евентуално нелегално стекнат имот ќе дадат многу одговори, меѓу кои  и на актуелните афери поврзани со познати имиња од бизнисот и политиката , врзани со огромни суми пари кои се нудат за кауција.  Законот според него треба да важи не само за функционерите, туку за секој граѓанин.

Со тој закон, товарот на докажување на потеклото на имотот ќе биде на граѓанинот, па така никој нема да прифати во нечие друго име да го носи товарот или одговорноста во врска со незаконски стекнатиот имот, што практично се случува во овој момент
-
вели Муареми.

Познат му е генерално негативниот впечаток во јавноста за отсуство на политичка волја во решавањето на случаите на злоуотреба на службена положба и даночни затајувања, но според него одговорот е повеќеслоен и најмногу треба да се бара во Јавното обвинителство, од каде како што вели Управата не добива доволно подршка.

Од кога сум јас на чело на Управата за финасиска полиција до јавните oбвинителства се поднесени кривични пријави против многу звучни и познати имиња како на функционери, така и на бизнисмени, без оглед на нивната политичка припадност. За жал, согласно постоечката правна регулативна, Јавното обвинителство нема законска обврска да не извести за тоа до каде се постапките во кои како иницијатори се јавува Управата за финансиска полиција,
-категоричен е Муареми.

 

 

Владата на последната седница ја усвои Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021-2023 год. со акциски план. Што ќе значи практично ваквата стратегија во борбата против корупцијата и организираниот криминал?

Од доаѓањето на власт на актуелната политичка гарнитура, голем акцент се стави на финансиските истраги при што се зајакнаа капацитети на сите антикорупциски институции во водењето на финансиските истраги. Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот  фактички е продолжување на Планот 3-6-9 донесен од страна на Владата на Република Северна Македонија. Сметам дека од круцијално значење при спроведување на овој процес е потребата од донесување на Закон за потекло на имот кој ќе се однесува на обврската за докажување на потеклото на стекнатиот легален, или евентуало нелегално стекнатиот имот.

 

 

Како го објаснувате фактот дека со години наназад расте бројот на истраги што ги отвора Финансиската полиција, а се однесуваат на злоуотреба на службена положба и даночни затајувања а сепак на листата за транспарентност не се одлепуваме многу од дното? Каде треба да се бара причината за тоа?

Факт е дека во последните 2-3 години надлежните институции вклучувајќи ја и финансиската полиција поголем акцент ставаат на истрагите за злоупотреба на буџетските средства и тоа де-факто води кон истрага и докажување на кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овластување и Даночно затајување, но без подршка од јавното обвинителство на нив можеме да гледаме само како на статистички податоци.

Имено, Јавното обвинителство потешко ги процесуира овие кривични дела поради фактот што истите се од еконономска област, додека јавните обвинители се правници, па така многу потешко за нив е да работат на докажување на овие кривични дела, затоа што кај таквите кривични дела ако нема материјален доказ- нема кривично дело. Во тој контекст би требало Јавното обвинителство да размислува за јакнење на личните капацитети и поттикнување во зголемување на бројот на предмети на кои што работат, а се од областа на финансискиот криминал.

 

 

Дали постои разлика во степенот на корупција споредувајќи ја оваа политичка гарнитура со претходната?

Корупцијата како појава отсекогаш постоела и секогаш ќе постои. Разликата на оваа политичка гарнитура од претходната е во тоа што актуелната става поголем акцент и покажува исклучителна спремност во борбата против организираниот криминал и корупција, а како доказ за тоа се низата на реформи кои се случија во изминатиот период во институтциите задолжени за борба против организираниот криминал и корупцијата. Јас лично во секое мое излагање или интервју сум истакнувал дека корупцијата се зголемува тогаш кога буџетските средства се трошат на неефикасни капитални проекти како што беше и проектот Скопје 2014.

Меѓутоа никогаш 100% не може да се гарантира дека корупцијата може да се искорени од корен поради фактот што корупцијата е „рак-рана“на секое општество и таа ќе постои се додека самите граѓани не бидат тие кои први ќе застанат во борба против истата. Имено, се додека граѓаните се водат од ставот за да им се заврши некоја работа треба да „почастат“ некого или пак од друга страна кога некој ќе побара „надомест“ за некоја услуга за која е должен со закон да ја заврши, тие не го пријавуваат тоа до надлежните органии, немам некој оптимизам дека корупцијата во нашето општество може да се искорени или дека имаме агресивна борба против репресија на истата.

Ние како Управа за финансиска полиција во изминатите години, како и во оваа година сме констатирале неправилности во јавните набавки, меѓутоа поголем дел од тие незаконити дејствија се од годините каде на власт беше другата политичка гарнитура, а дали ќе се утврдат неправилности и евентуални злоупотреби во постапките за јавни набавки на сегашната гарнитура тоа ќе оставиме на времето да покаже.

Сметам дека е важно да се напомене дека ако сакаме непречена борба против организираниот криминал и корупција и соодветни резултати, многу е битно институциите надлежни за борба против тие појави да располагаат со соодветни Буџети за да можат непречено да функционираат. На пример, Буџетот на Управата за финансиска полиција во 2017 изнесуваше само 31 милион денари.  Во 2019  година издејствуваме зголемување на Буџетот за 60% повеќе, односно 53 милиони, а за 2020 година Буџетот на Управата изнесуваше 61 милион. И покрај таквото зголемување, истиот не е доволен за да се обезбедат подобри просторни услови за работа, поголема кадровска екипираност на инспекторите, обуки, специјализација на вработените, мотивација да работат и после работното време и слично и сл.

 

 

Во јавноста преовладува впечатокот дека нема политичка волја законски да се работи и да се санкционираат злоупотребите.Дали и по кои наоди на Државниот ревизор постапувате во последниве месеци?

Управата за финансиска полиција има склучено Меморандум за соработка со Државниот завод за ревизија, врз основа на кој меморандум, Државниот завод за ревизија до Управата доставува ревизорски извештаи. Во овој момент, а врз основа на претходно доставени ревизорски извештаи од ДЗР, Управата за финансиска полиција врши проверки во Министерство за култура и Управата за водење матични книги.

Повторно ќе потенцирам дека не е целта само да се поднесат кривични пријави за Злоупотреба на службена положба и овластување по основ на злоупотреби на буџетски средства од сегашни или поранешни функционери, туку да го подржиме Јавното обвинителство во напорите за преземање дејствија во насока на расветлување токму на ваквиот вид предмети, затоа што само тоа ќе доведе до јакнење на довербата кон институтциите и зајакнување на авторитетот на правосудната полиција и Јавното обвинителство.

 

 

Кои од аферите за кои неколку пати обелоденивте дека се ваш предмет на истрага добија завршница, и дали има нови за актуелни функционери?

Од кога сум јас на чело на Управата за финасиска полиција до јавните обвинителства се поднесени кривични пријави против многу звучни и познати имиња како на функционери, така и на бизнисмени, без оглед на нивната политичка припадност. И во овој момент, како што претходно напоменав, вршиме проверки во државни институции каде што раководат постојни функционери.

За жал, согласно постоечката правна регулативна, Јавното обвинителство нема законска обврска да не извести за тоа до каде се постапките во кои како иницијатори се јавуваме ние како Управа за финансиска полиција.

 

 

Што велат бројките, за колку бил оштетен државниот буџет во 2020 година  и колку пријави поднесовте до ЈО за злоупотреба на службена положба, даночно затајување или перење пари?

Управата за финансиска полиција, и покрај пандемијата во КОВИД-19 и рестриктивните услови за работа согласно здравствените прописи,  во текот на 2020 година до надлежните Јавни обвинителства во Република Северна Македонија поднесе вкупно 71 кривична пријава, што е бројка помала за само 8 кривични пријава од претходната година. Кривични пријави се поднесени против 137 физички лица како одговорни лица во правните субјекти и против 51 правен субјект, за сторени 109 кривични дела,  со кои е причинета штета на Буџетот во вкупен износ од 1.176.170.845 денари.

За “Злоупотреба на службена положба и овластување” од член 353 од Кривичниот Законик вкупно 11 кривични дела, Перење пари и други приноси од казниво дело„ од  член 273 од Кривичниот Законик –  1 кривично дело и за “Даночно затајување” член 279 од Кривичниот Законик –  57  кривични дела.

 

 

Последните афери поврзани со познати имиња од бизнисот и политиката се врзани со огромни суми пари кои се нудат за кауција. Дали е ова доволен мотив да се направи финансиска истрага за потеклото на понудените милионски суми и вреден имот?

Со оглед на тоа што последните афери поврзани со тие познати имиња се веќе во судска постапка, односно истите се во надлежност и се постапува од страна на Јавното обвинителство и судот, ние како Управа во тие предмети немаме многу простор за самоиницијатвино постапување. Односно, ние ќе постапиме во оној момент кога Јавното обвинителство од нас ќе побара ние како Управа да истражиме од каде потекнува, на кој начин е стекнат или кога е стекнат имотот, односно средствата што се нудат како кауција.

Што се однесува лично до мене, ценам дека е добро на тие прашања да се дадат одговори,  за да не се остави простор и да се отстранат сите дилеми дека ние како правосудни органи немаме капацитет или интерес тие прашања да се разјаснат.

Имајќи предвид дека согласно Законот за кривична постапка, не е забрането и трета страна, односно трети лица да понудат свој имот за секој обвинет во судска постапка/ процес кој се води пред надлежен суд како гаранција на обвинетиот да му биде укината одредена изречена мерка од судот, јас неколку пати сум потенцирал дека е неопходно во најскоро време да се донесе Закон за потекло на имот, кој закон ќе важи не само за функционерите, туку и за секој граќанин на Република Северна Македонија. Со тој закон, товарот на докажување на потеклото на имотот ќе биде на граѓанинот, па така никој нема да прифати во нечие друго име да го носи товарот или одговорноста во врска со незаконски стекнатиот имот, што практично се случува во овој момент.

 

 

Светската треска за инвестирање во биткоини не ја заобиколува ниту нашата земја и покрај предупредувањата од Централната банка.Дали вашата институција врши истрага за овој вид трговија?

Во последно време криптовалутите предизвикуваат голем интерес за инвестирање од страна на граѓаните, иако материјата во смисла на начинот и формата како со истите да се тргува, купува и располага сеуште не е законски регулирана.

Токму од причина што немаме правна регулатива која што го регулира начинот на тргување со криптовалутата, одредени граѓани го користат тој момент и се јавуваат состојби каде врз основа на тргување со криптовалути се стекнуваат со определен имот.

Управата за финансиска полиција во овој момент нема случај во кој постапува за овој вид на злоупотреби при трговија, но будно ги следиме случувањата и начинот како се тргува со овие валути. Моментално има една иницијатива од страна на Централната банка како резултат на која се правиопределена студија, а може да се очекува и регулирање на начинот на трување со криптовалути.

 

 

Истрагата за Еуростандард банка е во завршна фаза. До каде е постапката што ја водите вие во делот на утврдување постапки и начини за добивање кредити?

Не би кажал дека истрагата е во завршна фаза иако значаен дел од истата е во напредна фаза, бидејќи целата енергија и фокус на капацитетите на Управата за финансиска полиција во последните месеци е даден на расчистување и утврдување на начинот како се дадени, добиени и каде евентуално завршиле парите од банката која моментално е во стечај.

Јас можам да потврдам дека навистина е сложен процесот на утврдување и докажување  во делот на начинот на добивање на кредитите, од поднесеното барање,  односно апликација, па одобрување и добивање на парите, но поголем и покомплексен процес е утврдувањето и докажувањето на тоа каде завршиле парите.

По однос на првата точка која се однесува на начинот како се дадени и како се добивале кредитите, неспорно од наша страна успеавме да ја утврдиме и докажеме состојбата.

Меѓутоа од друга страна треба да се има предвид дека не се работи само за едно или десет, ниту за 100 кредитни портфолија, бидејќи предмет на целата истрага се 149 правни субјекти каде секој од тие субјекти сам по себе носи и до 20 кредитни портфолија. Тоа значи дека секое кредитно портфолио треба да се следи од самиот почеток, од апликација, до добивање на кредитот, да се следи процесот во банката, кога се добиени парите, намената на дадените односно добиени пари, дали истите се за апликантот или за сосема трета фирма која никаде не се спомнува ниту пак се појавува како кредитобарател, дали таа трета фирма тие пари ги држела само за себе или ке се појави некоја четврта компанија која дел земала за себе.

Самото тоа како процес на проверка и докажување е многу комплицирано бидејќи треба да се поврзе четвртата компанија со првата, во случај каде постои веројатност кредитобарателот со четвртата компанија воопшто и да не се знае, туку истиот се користи само како мост за парите да не се следат. Меѓутоа, благодарение на искуството со кое располагаат вработените во Управата, со упорност и со целосен фокус на истите, за дел од правните лица за кои е завршена истрагата успеавме да ги поврземе наведените точки.

Но тоа не значи дека целата истрага е завршена. Верувајте дека се работи за многу комплексен и специфичен предмет со каков што не секоја година се соочуваме. Токму поради тоа истиот бара време, енергија, ресурси за да може нешто што се случувало во изминатите 7-8 години во банката, ние за нецели 6 месеци да го докажеме. Воедно, по однос на сите дејствија кои се преземаат од наша страна во секој момент сме во координација со Јавното  обвинителство, при што и од нивна страна добиваме дополнителни насоки кои што ќе бидат корисни за успешно завршување на истрагата.