Управата за финансиска полиција со асистенција на единиците од МВР, а под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на ден 30.10.2023 година спроведе акција против 26 сопственици и управители на 28 правни субјекти, кои се сомничат дека во периодот од 2019 до 2021 година, дејствувајќи како организирана криминална група ги сториле кривичните дела Злосторничко здружување од чл.394, Даночно затајување од чл.279 и кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.
Во текот на денешниот ден извршени се претреси на повеќе локации низ државата. Притоа од слобода се лишени 20 физички лица, кои со своите дејствувања го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 490.808.618 денари. Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка од економски криминал под кодно име „Синџир“ за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.