Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борба против организираниот финансиски криминал и корупцијата

Сре, 08.11.2023 - 16:17
Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борба против организираниот финансиски криминал и корупцијата

Управата за финансиска полиција, со поддршка од Обединетото Кралство, го модернизира  своето работење преку имплементација на нов современ документ менаџмент систем, кој ќе овозможи побрз проток на информации во рамки на институцијата, побрза размена на информации и податоци со другите релевантни институции, скратување на времетраењето на предистрагите, како и обезбедување на квалитетни и релевантни докази.  
 
На ден 07. Ноември 2023 година, во присуство Министерот за финансии Фатмир Бесими и Амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон, потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов и Регионалниот менаџер за Западен Балкан во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство, Дарен Пертриџ.

 
„Финансиската полиција е клучна институција во земјата во борбата со организираниот финансиски криминал и заштита на националните финансиски интереси, а зајакнувањето на нејзините капацитети и воведувањето нови современи системи се дополнителен придонес во зголемувањето на ефикасноста во борбата со неформалната економија и организираниот криминал“, рече министерот Бесими.


„Градењето на капацитетот и способноста на Управата за финансиска полиција во Северна Македонија во насока на подобрување на нивниот капацитет за финансиски истраги, управување со сложени случаи, прикажување на ревизорски траги и зголемување на транспарентноста, е од фундаментално значење за разбивање на криминалните организации – и на национално и на меѓународно ниво”, потенцираше Амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.

Регионалниот менаџер во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство, Дарен Пертчиџ, истакна дека Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство негува долга и конструктивна соработка со Северна Македонија и таа отсекогаш била многу продуктивна.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов, истакна дека ваквото софтверско решение значајно ќе ги унапреди техничките капацитети на Управата, а со неговата имплементација ќе добиеме модернизирана и во целост професионализирана служба.

Управата за финансиска полиција исто така со овој проект има за цел управување со содржини и процеси, кои ќе овозможат едноставен проток на документи и информации. Ќе се овозможи забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази, намалување на секојдневните трошоци и зголемување на ефикасноста на вработените и сето тоа со крајна  цел, бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција-рече Директорот, Иванов.

На крај, Директорот на Управата за финансиска полиција, Иванов, во свое име и во името на сите вработени во Управата, упати голема благодарност до Амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон, Амбасадата на Обединетото Кралство за донацијата, како и до Министерот за финансии Фатмир Бесими, за целокупната поддршка при реализација на овој значаен проект.
 

Галерија