Финансиската полиција со нова техничка опрема ќе ги зајакнува капацитетите за поефикасно справување со организираниот криминал – Потпишан Договор за донација

Пет, 09.02.2024 - 16:21
Потпишан Договор за донација

Денес во присуство на вработените на Управата за финансиска полиција беше потпишан Договор за донација  помеѓу Директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов и Програмскиот координатор на Канцеларијата за програмска координација  на претседателството на Турската агенција за соработка и координација ТИКА -Скопје,  Мехмет Бајрак.


Програмскиот координатор Бајрак, пред присутните истакна дека како институција ќе продолжат  да ја развиваат и зајакнуваат соработката  со јавните институции на Република Северна Македонија.

Свесни сме дека работата што ја врши Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии е многу важна за Северна Македонија, имајќи ги предвид нејзините должности и одговорности.
Денес е познат факт дека земјите со силни економии имаат силен финансиски систем. Во овој контекст, сакам да го изразам моето задоволство што имавме можност да соработуваме со Директорот Горан Иванов и со  Управата за финансиска полиција   која има многу важни обврски, особено во борбата против финансискиот криминал - истакна Господинот Бајрак

 

 

Директорот Иванов  истакна дека оваа донација, на техничка опрема која се состои од 60 канцелариски компјутери, 30 скенери, 4 монитори со висока резолуција и 30 надворешни мемории, како и специјалниот компјутерски систем што ќе се користи во форензичката лабораторија ќе допринесе во зајакнување на техничките капацитети на Управата за финансиска полиција, со што ќе станеме помодерна и попрофесионална служба во борбата со организираниот криминал и корупција.
Ќе продолжиме со сериозна и одговорна работа, како би ја подигнале довербата на граѓаните во нашата институција  на повисоко ниво. рече во својот говор Директорот Иванов

На крај Директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов, додели плакети, во свое име и во името на сите вработени во Управата за финансиска полиција упати голема благодарност до турската агенција за соработка и координација ТИКА, канцеларијата за програмска координација Скопје, како  и до Република Туркије како наш голем пријател и поддржувач.

Галерија