Управата за финансиска полиција преставувана од Директорот, Горан Иванов и Правен факултет „ Јустинијан Први “ – Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ преставуван од Деканот, Сашо Георгиевски потпишаа Меморандум за соработка.
Со потпишување на овој Меморандум за соработка започнува процесот на продлабочување и зајакнување на соработката помеѓу Управата за финансиска полиција, која како дел од правосудната полиција преку континуирана едукација, размена на искуства и соработка, цели да придонесе за рана детекција на појавни форми на организиран криминал и Правниот факултет - „ Јустинијан Први “ Скопје кој континуирано создава квалитетни кадри кои со своето знаење придонесуваат кон јакнењето на капацитетите за правосудството.
Градењето партнерство e со цел заедничка поддршка, особено во процесите кои се од суштинско значење за правосудниот систем на државата.
Исто така Управата за финансиска полиција и Правниот факултет „ Јустинијан Први “ Скопје на овој начин ја уредуваат соработката во врска со размена на искуства, знаења, едукација, литература, и усовршување на кадри од областите во кои двете страни имаат кадровски и други потенцијали и интереси .
Преку поврзување на теоријата и практиката, секако дека овој меморандум ќе биде од големо значење за двете страни и со него ќе се преземаат конкретни мерки за реализирање на практичната настава, со која се отвора можност студентите да ги применат своите знаења и вештини стекнати преку формалното образование во пракса и со тоа да ги направат првите чекори кога станува збор за влез на пазарот на труд и нивно позиционирање во деловното опкружување.