Потпишан Меморандум за спречување перење пари, даночни и царински кривични дела со Обединетото Кралство

Чет, 30.05.2019 - 15:41
Меморандум за соработка со управата за царински работи и приходи на  Oбединетото Kралство на Велика Британија

Република Северна Македонија и Обединетото Кралство потпишаа Меморандум за размена на информации и знаења за сузбивање  даночни и царински кривични дела и перење пари помеѓу двете земји. Потписници на Меморандумот се Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Северна Македонија и неговите управи, односно: Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека Обединетото Кралство дава голема поддршка за реформските процеси во Министерството за финансии и управите. Тој рече дека еден од приоритетите на Владата е сузбивање на неформалната економија и корупцијата, а потпишаниот Меморандум ќе даде придонес кон тоа. Тевдовски посочи дека земјата, за првпат, има Стратегија за формализација на неформалната економоја и дека веќе се спроведени активноски од Акцискиот план. 

Во рамки на тие активности се Законот за спречување перење пари со кој ги ограничивме готовинските трансакции во вкупниот промет. Исто така, во рамки на тие активности се работи на креирање систем на соработка на институциите во областа на сузбивање на неформалната економија на национално и на локално ниво, преку размена на податоци. Се работи и на јакнење и унапредување на капацитетите на институциите, дигитализирање на нивните процеси, кои веќе даваат резултати во подобрена наплата на приходи во Буџетот - рече министерот за финансии и посочи дека од минатата година земјата е и членка на Инклузивната рамка БЕПС, развиена од страна на ОЕЦД, каде што заедно со уште 128 земји учествува во преземање мерки за спречување на можностите за одбегнување плаќање данок.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми рече дека Управата со воведувањето на новото кривично дело „Даночна измама" се подготвува за превенирање и спречување на даночните затајувања и даночните измами, особено по влезот на Република Северна Македонија во Европската Унија кога ќе се врши и поврат на данок на додадена вредност со употреба на фактури за набавени стоки и услуги од земји на Европската Унија. Тој посочи дека Управата за финансиска полиција во последниве две години засилено работи на продлабочување на меѓуресорската координација во државата како и на унапредување на меѓународната соработка.

https://finance.gov.mk/