Соопштение за јавноста

Чет, 31.12.2020 - 22:42
Соопштение за јавноста

       Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А. М., управител и сопственик на правниот субјект Друштво за промет, трговија, услуги ЛИМЕКС-2010 ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ член 279 став 2 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.

     Пријавениот А. М. во својство на управител и сопственик на правниот субјект Друштво за промет, трговија, услуги ЛИМЕКС-2010 ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во текот на 2016 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговска стока (рачни колички, скали, делови за колички и слично)евидентирана на залиха во вредност од 5.432.103 денари неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во своето сметководство како кусок, при што не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 977.778 денари и Данок на Добивка по даночна стапка од 10% во износ од 543.210 денари, а за застарените обврски кон добавувачи постари од три години во износ од 10.053.155 денари, кои не се прикажани како Приходи во Билансот на успех и Даночниот Биланс на правниот субјект, не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 1.005.315 денари.

Со намера да ги прикрие инкриминираните активности не изготвил и не поднел Завршни сметки за 2016, 2017, 2018 и 2019 година до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Пријавениот А. М. не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 2.526.303 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.